Банките пак ги избегнуваат фирмите за кредитирање

Bez autora
Feb 24 2015

Им ги стопираа ли повторно банките во земјава кредитите на македонските компании? Ваков заклучок би можел да се извлече ако се погледнат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои покажуваат дека во јануари годинава кредитирањето на бизнис секторот не само што не пораснало, туку се намалило за дури 25 милиони евра. Оваа ситуација е многу изненадувачка, бидејќи минатата година македонските фирми конечно можеа да се пофалат дека банките не ги избегнуваат за кредитирање како што се случуваше во претходниот период. Односно, само што се доби впечаток дека домашните банкари го одврзаа ќесето за кредитирање на компаниите, јануарскиот пад повторно говори за своевидна банкарска скепса за кредитирање на домашната економија...

Им ги стопираа ли повторно банките во земјава кредитите на македонските компании? Ваков заклучок би можел да се извлече ако се погледнат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои покажуваат дека во јануари годинава кредитирањето на бизнис секторот не само што не пораснало, туку се намалило за дури 25 милиони евра. 

Оваа ситуација е многу изненадувачка, бидејќи минатата година македонските фирми конечно можеа да се пофалат дека банките не ги избегнуваат за кредитирање како што се случуваше во претходниот период. Односно, само што се доби впечаток дека домашните банкари го одврзаа ќесето за кредитирање на компаниите, јануарскиот пад повторно говори за своевидна банкарска скепса за кредитирање на домашната економија.

Или, ако се набљудува цела 2014 година, може да се забележи дека банкарскиот сектор на компаниите во земјава им одобрил за цела година, вкупно 184 милиони евра нови заеми, од кои само во декември лани фирмите добиле ново кредитирање од 61 милиони евра. Зошто по овој „богат“ кредитен месец следува јануари со намалување на кредитите за фирмите од 25 милиони евра, ќе се прават анализи во наредниот период. 

Намалувањето на кредитите за бизнисот, всушност, е главна причина што во тој месец е регистриран пад и на вкупната кредитна активност, така што таа има месечно намалување од 18 милиони евра. Или, вкупните кредити на граѓаните и на фирмите во јануари годинава изнесуваат 4,137 милијарди евра, говорат податоците на централната банка. 

Иако послабо од порано, пак, во јануари годинава населението сепак добило нови банкарски кредити и тоа околу 8 милиони евра. 

Во текот на минатата година, пак, граѓаните добиле за цела година иста сума нови заеми колку и фирмите, и тоа 184 милиони евра.

Лошите кредити, оние каде што клиентите имаат проблеми со нивното враќање и доцнат со исплатата на ратите три или повеќе месеци, во јануари годинава повторно пораснале, откако претходните неколку месеци бележеа опаѓање во однос на вкупното кредитно портфолио. 

Јануарскиот раст на нефункционалните заеми е 10 милиони евра, односно на крајот на првиот месец од годинава тие изнесуваат 470 милиони евра, откако минатата година ја завршија со ниво од 460 милиони. Во однос на вкупните кредити во земјава, спорните и сомнителните побарувања на крајот на јануари годинава учествуваат со 11,37 отсто, покажуваат пресметките. 

И додека кредитите паѓаат, депозитите и во јануари годинава продолжуваат да растат, иако со многу послабо темпо за разлика од претходниот период. Односно, минатата година депозитите отидоа во плус од 440 милиони евра, а само во декември растот изнесувал 131 милиони евра. 

Додека, пак, месечниот раст на вкупните депозити во првиот месец од годинава изнесува 19 милиони евра, со што тие сега тежат 4,67 милијарди евра. Притоа, растот на депозитите главно се должи на граѓанските заштеди, кои во јануари пораснале за околу 12 милиони евра, додека фирмите многу помалку во јануари ставале нови пари на своите сметки, односно само нецел еден милион евра.

Во моментов, односно на крајот на јануари годинава, домаќинствата чуваат на своите книшки во банките вкупнио заштеди од 3,3 милијарди евра, а компаниите во банките држат 1,1 милијарди евра, зборуваат податоците на Народна банка на Македонија.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik